Патологијата на онлајн однесувањето: Луцифер Ефект

Сведочејќи ја во последно време сета агресија, хостилност, критики и негативни коментари кои бескомпромисно се пишуваат на социјалните мрежи, порталите, под музичките видеа на YouTube и сл., интересно е да се даде осврт на потребата на луѓето толку многу да (како што многумина велат денес) „хејтаат“ на Интернет и што е тоа што го прави Интернетот толку погоден медиум за тоа? Еминентниот социјален психолог Филип Зимбардо кој, истражувајќи ја психологијата на злото преку т.н. Луцифер ефект, се обидел да објасни како и зошто индивидуи и групи кои вообичаено се однесуваат социјализирано и човечно, во одредени околности се однесуваат сосема спротивно на претходното.

Ставајќи акцент на одредени карактеристики на тие околности, Зимбардо укажува на неколку суштински предуслови кои ја зголемуваат веројатноста за агресивно однесување, а токму тие можат да се препознаат во „онлајн“ просторот. Така на пример, самото постоење на екран и виртуелен простор односно дистанца помеѓу „агресорот“ и „жртвата“, лесно стимулира процес на дехуманизација на Другиот што е еден од предусловите за Луцифер ефектот. „Агресорот“ не е во можност директно да ја набљудува реакцијата на својата „жртва“, а со тоа во него не се побудува никаква емпатија или било каков друг емоционален инхибитор кој би можел да го запре агресивното однесување или воопшто да го спречи неговото избликнување. На тоа се надоврзува и можноста на „агресорот“ да остане анонимен или пак да се крие позади лажен профил, тенденција која е сè почеста во последно време, а дозволува изземање од секаква одговорност за последиците од сопствените постапки. Овој предуслов на т.н. деиндивидуализација е веќе добро познат во ритуалите на маскирање пред борба кај примитивните племиња за што антрополозите потврдуваат дека го зголемува степенот на агресивно однесување. Сличен тип на маска во современата западна цивилизација е униформата кај одредени професии која ја нагризува или пак целосно елиминира индивидуалноста, а со тоа и личната одговорност за спроведените акции.

Дискурсот кој се појавува на интернетот креира ново бојно поле од повеќе причини. Меѓу премрежјето на реалноста и виртуелниот свет веќе не постои конкретна граница која пак е контролирана или подлежи на некои правила кои нѐ заштитуваат. Во виртуелниот контекст не е потребна голема храброст и енергија за конфронтација со некој што располага со објективно поголем авторитет и/или социјална моќ што не е случај во реален социјален контекст. Можноста да се има бескрајно време да се осмисли што да се напише, да се препрочита и поправи повеќе пати, па дури и да се одржи цел монолог без повратна информација од другата страна ја изобличува комуникацијата која вистински може да се случи само доколку има размена со другата страна и отвореност да се разбере туѓата перспектива. Отсуството на невербалните знаци како тон на глас и гест дополнително ги осиромашува потенцијалите за суштинска комуникација со другиот, па оттаму овој факт не само што ги амплифицира конфликтите поради недоразбирање, туку раѓа и дополнителни конфликти.

Доаѓаме до проблемот со говорот на омраза кој воопшто не е наивен и чиј потенцијал за нанесување на психофизичка штета кон индивидуи и групи е потценет. Непостоењето на општествена рамка, дозволува личности сокриени во анонимноста на интернетот да повикуваат на насилство кон одредена група според раса, вера, нација, сексуална ориентација сл. што отвара можности да се спроведе во вистински дела на омраза. Дополнително, интернетот може да послужи и како платформа за вмрежување во организирани групи кои го поддржуваат насилството и омразата, а кога ќе се случи тоа, настапува психологијата на толпа и регрес кон примитивно и инстинктивно однесување на примитивен и инстинктивен начин. Толпата, чија психологија најпрв ја вивисецираше Гистав Ле Бон, поседува „групна свест“ и функционира на еден „предмодерен“ начин, наведувајќи ги поединечните нејзини членови кон дејствија кои во поинаква констелација би ги сметале на неприфатливи.

Се појави дури и специфичен тип на врсничко малтретирање во онлајн светот, познато како „cyberbullying“. Предадолесцентската група се чини посебно ранлива на оваа општествена девијација. Вознемирувачки е фактот дека и кај нас во училиштата учениците отвораат групи за омраза на апликацијата „Viber“, чија цел е да се озборува и исмејува одреден соученик. Истражувањата на Запад, каде сето ова има земено уште поголем замав, покажале дека оние ученици кои вршат врсничко малтретирање во реалноста, се повеќе склони да вршат и малтретирање во виртуелниот простор. Ова е до некаде очекувано, но уште позагрижувачки е фактот дека значаен процент од оние кои се вклучени во онлајн малтретирањето, никогаш не вршат врсничко малтретирање лице в лице, преферирајќи да останат заштитени позади својата виртуелна маска . Ова е уште еден доказ дека Интернетот со веќе споменатите „можности“ кои ги нуди е плодна почва за метастазирање на Луцифер ефектот. Што мислите, дали сте вие имуни на Луцифер ефектот?

продолжува…