Патологијата на онлајн однесувањето: Е-растројство

Дали некогаш сте мереле колку време поминувате дневно на Интернет? Колкав процент од денот ви поминува на скролање на вашиот паметен телефон или таблет? Колку често додека сте излезени со друштво, посегнувате по вашиот мобилен телефон и доколку тој не стои пред вас, чувствувате немир и нелагодност? Колку сте преокупирани со тоа додека сте на некое патување или на некој настан да ги „фатите“ моментите на фотографии или на видеа за потоа да ги објавите на Facebook или Instagram?

Алармантни се наодите кои укажуваат на тоа дека во светски рамки околу 8,2% од населението страда од нешто што се нарекува Интернет зависност, а во развиените земји каде стапката е уште поголема, веќе се отворени и центри за третман од ова нарушување. Доколку Интернет зависноста ја земеме како една од категориите на Зависноста од технологијата каде се веќе вклучени зависноста од радиото и од телевизијата, би можеле да ги идентификуваме следните поткатегории во рамки на оваа категорија: играњето игри, социјалното вмрежување, електронската пошта, сурфањето, онлајн купувањето, блогирањето и несоодветната употреба на порнографија.

Меѓу истражувачите од областа на менталното здравје постои дебата дали прекумерното користење на Интернетот претставува зависност, опсесивно-компулзивно нарушување или пак пореметување на контролата на импулси. Како и да е, најновата верзија на Дијагностичката и статистичка класификација на менталните нарушувања позната како DSM-V (Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorders) со право тврди дека е потребно спроведување на повеќе научни истражувања за да се донесе дефинитивна одлука дали ова ново нарушување на дигитална ера ќе се класифицира во наредната верзија на DSM.

Исто така постои поделеност меѓу експертите дали зависноста од Интернетот е сама по себе зависност или пак е само симптом на други можни пореметувања како анксиозноста и депресијата. Според тоа, на пример користењето на мобилниот телефон би имало смирувачко дејство кое ја трга сета тензија налик на растеретувањето при опсесивно-компулзивното растројство.

Она што го дава аргументот за тоа дека станува збор за уште еден тип на зависност е сличноста со зависностите од алкохол и дрога во однос на промената што се случува на мозочно ниво. Поточно, настанува структурална промена во префронталниот регион на мозокот кој е задолжен за помнење на детали, внимание, планирање и приоретизирање на задачи. Оттаму луѓето со оваа зависност не можат да ги одредат приоритетите во својот живот односно Интернетот добива предност пред сите неопходни животни активности. Покрај тоа, сличноста е и во постанувањето толерантен на претходното ниво на допамин кој го афектира центарот за награда и задоволство во мозокот. Затоа, како што кај хемиските зависности е потребна сè поголема количина на супстанца, така кај Интернет зависноста е потребна поголема количина на активност за да се предизвика истиот пријатен одговор што создава зависност.

За разлика од другите зависности каде се злоупотребува некоја супстанца, во овој случај станува збор за злоупотреба на можностите што ги нуди Интернетот преку компулсивна активност, а споредено со него најслично е патолошкото коцкање. И во двата случаи она што го примамува корисникот да не може да престане или пак да воспостави свесна контрола над своето однесување е наградата, односно поткрепувањето што го добива во непредвидливи временски интервали. Поточно она што е парична добивка после непредвидливиот број на обиди на слот машините во коцкарниците, тоа е на пример добивањето нова нотификација за „лајк“ или пак некој нова, пријатна или изненадувачка објава во „Новости“ која се појавува во неопределено време и со самото тоа го тера корисникот континуирано да го проверува својот Facebook профил.

Сепак, самата фреквенција на користење на Интернетот не мора да укажува на тоа дека некоја личност страда од оваа зависност колку што може да укажува степенот на интерференција на ова однесување со секојдневните активности во животот. Главното прашање тука е дали користењето на Интернетот го нарушува социјалниот живот, извршувањето на училишните и работните обврски, финансиската и емоционалната сфера на живеењето. Доколку тоа се потврди, главните симптоми кои би можеле да се идентификуваат кај едно лице зависно од Интернет се следните: депресија, чувства на вина, анксиозност, изолација, раздразливост, страв, осаменост, чувство на еуфорија при користење на електронскиот уред, неможност да се одредуваат приоритетите или да се одржува распоредот на обврските, променливост на расположението, бесконечно одложување на обврските, непостоење чувство за време, избегнување на работата и лесна појава на досада при рутински задачи. Исто така можни се и физички симптоми како болки во вратот, грбот, проблеми со видот, недоволна ухранетост, несоница и слаба лична хигиена. Во некои екстремни случаи, на пример кај гејмерите, се случува и да ги изгубат своите работни места, да се откажат од студиите и целосно социјално да се повлечат од што не можат да престанат со деноноќното играње.

Она што е загрижувачко по менталното здравје на човекот е фактот дека „благодарение“ на електронските уреди кои имаат функција на аниматори, тој повеќе не останува во друштво со самиот себе. Веќе не си дозволува празен, но многу значаен момент кога нема да го држи телефонот во своите раце, туку ќе остане сам со своите мисли, емоции, доживувања. Тоа овозможува и соочување со своите грижи, разбирање на истите, а со самото тоа и помагање на сам себеси. Несомнено е дека технологијата му дава многу на човекот, но цената што мора да се плати за тоа е превисока и од аспект на тоа што тој е лишен од досадата, несигурноста и осаменоста, трите главни состојки кои ја стимулираат креативноста и новите откритија.

За крај, дури и да не се препознавте себеси во нешто од погоре наведеното, зарем кога ќе ви стигне нотификација на Facebook, Twitter, Instagram или електронска пошта, не си заличувате барем малку на кучињата на Павлов кои лачат плунка кога ќе слушнат ѕвонче, иако им отсуствува храна? Сте се запрашале ли некогаш што е всушност тоа што ве „храни“ и за што сте во суштина „гладни“ во ова виртуелно „живеење“?