Патологијата на онлајн однесувањето: Виртуелно „живеење“

Психологот и проф. д-р Кимберли Јанг, која прва ја има истражувано зависноста од Интернетот уште во 1995 година, а денес се занимава и со нејзин третман, посочува дека дел од нејзините пациенти се лица кои припаѓаат на виртуелни заедници каде имаат изградено паралелни животи од кои тешко можат, односно не сакаат да се одвојат. Таа за пример наведува една игра која и буквално се вика „Second Life“, а во која луѓето креираат вештачка личност или аватар со карактеристики по своја желба, кој гради втор живот во онлајн светот заедно со другите коишто се вклучени во играта. Припадниците на таа виртуелна заедница излегуваат, се дружат, студираат, одат на работа, купуваат, се облекуваат, па дури и имаат посебна валута која со консумеристички цели и навистина им зема пари од нивните кредитни картички. Она што проф. д-р Кимберли Јанг го истакнува е дека овие луѓе во реалноста водат скромен живот, додека во виртуелната реалност нивниот живот е сосема различен, и таму најчесто имаат високи социјални статуси и моќни позиции.

Според Јанг, сличен образец на однесување имаат и гејмерите кои градејќи ликови на храбри војници, успешно остваруваат високи цели, доминираат со моќ и добиваат признание од другите гејмери вклучени во истата игра. Во суштина, многу често позади овие профили на херои стојат социјално инфериорни луѓе, со ниска самодоверба, кои преку овие игри имаат втора шанса да бидат тоа што не се, односно да го прават тоа што не го прават во реалниот живот. Во психолошка смисла, ова претставува бегство од реалноста која не им се допаѓа и градење на виртуелен идентитет кој го живеат во виртуелна реалност. Во поекстремни случаи, тоа би можело да укажува на губење контакт со реалноста и живеење во паралелна реалност, што во психијатриски контекст претставува показател за потешка психопатологија.

Потребата за градење на нов, виртуелен идентитет е всушност потреба полесно да се постигне „Идеалното Јас“ кое најчесто отстапува од „Реалното Јас“. Тоа кај личноста создава притисок да избега од своите слабости и несовршености и селективно да се перцепира и претставува себеси. Најплодна почва за растење на оваа искривена слика за себе се социјалните мрежи каде секој се претставува во најдобро, а честопати и нереално светло.

Гледајќи ги фотографиите и објавите на социјалните мрежи, каде животите на другите се претставени многу селективно, па и „нашминкано“, и ги вклучуваат само нивните возбудливи, забавни и радосни мигови, може лесно да се падне во стапицата на перцепцијата колку се тие среќни, исполнети и успешни во своите животи. Ова последователно раѓа чувство на мизерност, депресија и недоволност од себеси и од својот живот, што дополнително може да предизвика завист и поттик за поголемо докажување пред другите, но и пред самите себе.

Можноста да се има увид во туѓите животи, особено преку социјалните мрежи како Facebook, поттикнува воајеризам и „манијачење“, иако во суштина имаме само делумен поглед во светот на другите. Сепак, најновите истражувања покажуваат дека со текот на годините сè пониска е долната возрасна граница за депресија, токму заради постоењето на социјалните мрежи каде младите лесно можат да се споредуваат со идеалните прикази на животите на своите врсници.

Идеалната слика за себе особено доаѓа до израз на веб страниците за договарање на состаноци преку Интернет, каде и буквално се бира најдобрата фотографија од себе, а се истакнуваат и најдобрите карактеристики кои би ја зголемиле шансата за успешно спојување. Освен тоа што воспоставувањето на една спонтана релација се сведува на калкулација, незанемарлив проблематичен аспект е и отсуството на возбуда предизвикана од неизвесноста на средбата, во контекст каде сè е договорено и не постои ризик.

Како веб страниците за договарање на состаноци преку Интернет, така и социјалните мрежи придонесуваат до поголемо отуѓување меѓу луѓето, иако оставаат привиден впечаток на поврзаност со стотици и илјадници пријатели. Илузијата на поврзаност никако не може да го замени контактот во живо, па оттаму во поново време со право социјалните мрежи се нарекуваат (а)социјални мрежи. Комуникацијата меѓу луѓето е сведена на муабетење преку Интернет, т.н. четување, а богатиот јазичен и емоционален свет на секоја индивидуа се редуцира на т.н. емотикони со кои многу осиромашено се изразува одредена емоционална состојба, која е многу повеќе од едно насмеано човече. Покрај тоа, овие емотикони често се користат и за манипулација на соговорникот користејќи ги за да ублажат некоја изјава позади која може да се крие пасивна агресија, па на тој начин се изобличува вистинската комуникацијата.

Исто така, во последно време е сосема нормално и очекувано паметните телефони да бидат неизоставен дел од било кое доживување, како театарска претстава, концерт, туристичка атракција, односно посредно да ги доживуваме конкретните настани преку нив. Ако сакаме да бидеме потполно искрени со себе, треба да се запрашаме колку се препуштаме на доживувањата и дали целосно уживаме во нив, или пак сме повеќе во контакт со нашите паметни телефони. Под превезот на тоа дека сакаме да имаме спомен во облик на фотографија или видео од тој посебен настан, ние го пропуштаме самиот настан во неговата оригинална верзија поради поделеноста на вниманието и несосредоточеноста при сликањето или снимањето. За да си ја оправдаме потоа оваа загуба, веднаш го пријавуваме нашето присуство на тој настан и го објавуваме снименото, на што како поткрепување добиваме „лајкови“ со кои го оправдуваме претходното однесување кое не лишило од вистинското доживување во дадениот момент.

На овој начин се индуцира вештачка потреба од „лајкови“ која во суштина е потреба од признание и самопотврдување. Сепак, таа само делумно се задоволува на социјалните мрежи бидејќи денес „лајкувањето“ сосема се банализира и без некој особен филтер за селекција на сè и сешто се клика „лајк“. Иако личноста компулсивно проверува од кого има плус уште еден „лајк“ на својата фотографија или објава, таа во суштина не доживува комплетно чувство на исполнување, туку напротив, само краткорочно задоволство на чие место брзо потоа останува истата празнина која постоела претходно. Долгорочно, таа празнина би можела да се пополни само ако изворите за задоволување на потребата се бараат на вистинското место.

За жал, маѓепсаноста од Интернетот и технологијата често нè прави слепи за тие вистински места, па во еден момент на освестување потребно е да се запрашаме: Кој кого контролира или користи – ние Интернетот и технологијата или пак тие нас?!?